Изнајмувањето преку лизинг на 45 возила е редовна програма. Тие не се набавуваат сега туку во ноември, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања во техничката Влада Фатмир Битиќи откако медиумите објавија дека и годинава владата планира да изнајми возила за 1,6 милиони евра.
-Тоа е во среднорочниот план, се знае на колку километри се менуваат службените возила и не се набавуваат сега. Мислам дека би требало во ноември да бидат набавени кога реално ќе се случи реализацијата, но бидејќи е во редовниот план за набавки, во програмите, независно на изборниот процес, државата и институциите функционираат – рече Битиќи.
Тој рече и дека има надлежни служби кои одлучуваат што е поефикасен начин купување или лизинг и оти оперативен и финансиски лизинг во цел свет е најупотребуваниот механизам за службените возила поради помалите трошоци за одржување.
-Од моето искуство надвор од политиката укажувам дека оперативен лизинг и финансиски лизинг е во цел свет најупотребуваниот механизам за службените возила затоа што долгорочно гледано трошоците за одржување се многу помали во тој вид. Ако отидете во која било европска земја од ЕУ службените возила над 90 отсто се преку одреден лизинг што го користат, оперативен или финансиски. Кај нас уште тоа е страно, но мислам дека е пак на ефикасно трошење на ресурсите – рече Битиќи.