Вкупно 13 лица, осомничени дека се членови на бандата „ДЗ мафија“, вмешана во трговија со дрога во Марсеј, се уапсени во понеделник во Франција, во рамки на истрагата за обид за убиство во Шпанија, соопштено е.
Осомничените, 10 мажи и три жени претставени како партнери на членови на бандата, се на возраст од 15 до 25 години.
Уапсените се осомничени за учество во обид за убиство на маж (43) од Марсеј во јануари 2023 година во Каталонија, кој е познат и по шверц на дрога, велат извори блиски до истрагата.
Браво за полицијата за оваа нова акција против нарко-бандите во Марсеј“, напиша францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен на платформата X.
Апсењата беа извршени во Марсеј и Рен, а следеа неколку дена по апсењето во Мароко на Феликс Бенги, наводно водач на кланот „Јода“, ривал на „ДЗ мафијата“. Борбата меѓу овие два нарко-картели за контрола на територијата, односно местата каде што се продава дрога е интензивна, бидејќи на некои места дневниот сообраќај носат и до 80.000 евра.
Кланот „Јода“ го доби своето име по муралите што го претставуваат ликот од серијата филмови „Војна на ѕвездите“, а овие мурали означуваат некои од „нивните“ места за трговија со дрога во Марсеј. Кланот „ДЗ мафија“ го доби името „ДЗ“ по националната интернет зона за Алжир.
Со 49 убиени и 123 повредени во насилство поврзано со трговија со дрога, 2023 година беше најлошата година во медитеранскиот град.