Ќе се вршат засилени инспекции во градинките на државно ниво, не само во Скопје, за да се откријат нецелосно или делумно вакцинирани деца против голема кашлица, изјави денеска министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири.
– Мислам дека веќе пред 2 недели го организиравме ова. Оваа е трета недела како сум министер за здравство. Имајте го тоа предвид. Откако дојдов, веднаш пристапив кон тоа. Не само на територијата на Скопје, каде што е прогласена епидемија, туку ќе има засилени инспекциски прегледи на државно ниво и ќе барам на секаков начин да се вакцинираат оние кои се невакцинирани. Невакцинираните деца и во останатите градови ќе се враќаат од градинка. Потпишана е таква наредба – одговори Демири.
Демири потсети дека и претходно дал изјави дека невакцинираните деца треба да се вратат од градинка, па апелираше да се зголеми свесноста за вакцинацијата. Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) од денеска ќе издава решенија за забрана на деца во градинка, но министерот не знае колку решенија се издадени досега.
Според Мета.мк, градинки во Скопје денеска примале невакцинирани деца и деца кои не ги примиле сите потребни дози од вакцината ДиТеПер. Директорките на градинките за Мета изјавиле дека не добиле никакво решение од ДСЗИ за забрана за прием и дека без „црно на бело“ не можат да ги враќаат назад децата.
Министерството за здравство минатата недела му нареди на ДСЗИ да изврши вонредни инспекциски надзори и да забрани прием на деца во предучилишни установи кои не се имунизирани со вакцината против голема кашлица.
Во периодот од 1 до 7 март, се пријавени 50 нови случаи на голема кашлица со што вкушната бројка на заболени е 173 случаи, покажаа последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).