Седум кандидати официјално влегуваат во трка за претседател на Македонија

Saso
By Saso 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

На полноќ истече рокот за собирање потписи за претседателските кандидатури за претстојните избори и официјално е – добивме седум кандидати кои влегуваат во трката.Според податоците од ДИК, од 7 март до 20 часот, од 15-те пријавени кандидати за собирање потписи за претседателските избори, досега потребните 10.000 потписи ги собраа Стево Пендаровски поддржан од СДСМ кој има 22.412 потписи, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ – 28.086, Бујар Османи од ДУИ – 11.085, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди – 10.710, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски – 11.290, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија – 11.605 и Билјана Ванковска Цветковска од Левица – 10.559 потписи.

Сите останати кандидати имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 2.778, Вело Марковски – 1.634 потписи, Ѓорѓи Манасков – 488, Зорица Цветковска – 284, Господин Попоски 145, Гоце Ристов – 6 и Драган Николовски 6 потписи. Досега, според ДИК, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.

Собирањето потписи се одвиваше во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Во четвртокот, без расправа, беше изгласан Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, чија цел, како што претходно образложи пратеникот Мартин Костовски, е да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите.

Меѓу другото, се допрецизираат одредбите во однос на регистрацијата на гласачите со цел сите гласачи кои ги исполнуваат условите да бидат запишани во избирачките списоци, со отстранување на ограничувањата врз основа на истечени документи за идентификација, како и со разјаснување на процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата кои ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга.

Со преодната одредба на законот се уредува правото избирачите да може да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите.

Техничкиот премиер Талат Џафери смета дека со измените во Изборниот законик нема целосно да се реши проблемот со валидноста на докумените на граѓаните во изборниот процес и посочува дека треба да се овозможи на граѓаните да гласаат со стари документи без да има било каков рок.

- Advertisement -
Ad image

-Не сум убеден дека ќе се реши проблемот со патните исправи со оглед на одредбите кои ги регулира и санкционира самиот законот, во него е предвидено сите граѓани кои имаат документи со истечен рок во траење од девет месеци до денот на изборите ќе можат да гласаат. Оние кои им се постари нема да можат, значи делумно е решението, не е целосно. Ако имаме документи со истечен рок од девет месеци на 24 април ќе гласаме, но што ќе правиме на 8 мај. Сакајќи да направиме исклучок правиме друг исклучок што исклучуваме дел од граѓаните, истакна денеска Џафери.

Тој одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по извршениот увид во изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, рече дека граѓаните треба да гласаат со стари документи без разлика на рокот во кој застариле.

-Решението да биде отворено граѓаните кои имаат истечени документи да можат да гласаат оваа година без разлика на кој рок истекле, не мислам дека е решението целосно јас сум убеден дека ќе дојдат пак во Влада за дополнителни решенија. Ќе треба да размислат или Собранието или ние во Влада ќе треба да го доисправиме овој проблем, подвлече тој.

- Advertisement -
Ad image

На 24 април и 8 мај македонските граѓани ќе гласаат на седмите претседателски и 11-те парламентарни избори.

Share This Article