На 18 март се затвора Избирачкиот список и доколку не стапат во сила законските измени со кои ќе се овозможи гласање со лични документи со старото име на државата на 100.000 граѓани ќе им биде прекршено правото на гласење, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
Одговарајќи на новинарска прашање, Тошковски рече дека е несериозна изјавата на техничкиот премиер Талат Џафери дека со оваа динамика има уште 50 да се извадат личните документи до изборите.
– Несериозно е особено имајќи предвид дека станува збор за потреба од утврдување согласно закон на можност со патните исправи со старото име до денот на изборите макеоднските граѓани да го остварат правото на гласање. Педесет дена ова што го говореше премиерот немаме заради тоа што на 18 март се затвора Избирачкиот список и до тој ден доколку не стапи во сила измена на законско решение на овие граѓани ќе им биде прекршено второто човеково право. Првото човеково право коешто им е прекршено на овие граѓани е правото на слобода на движење. Второто човеково право ќе биде правото на глас – изјави Тошковски, по учеството на Регионална конференција за род и безбедност во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тошковски се надева дека пратениците од СДСМ и ДУИ ќе најдат заеднички јазик и ќе ја поддржат иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за усвојување на законските измени со коишто, како што рече, на над 100 илјади граѓани нема им се прекрши правото на глас.
Со сегашните количини и континуитет на печатење на пасошите обезедени се обрасци до средината на мај. Нова поголема пратка се очекува во текот на јуни, а се работи да се обезбеди дополнителна количина за да нема прекини.
Сега, како што рече министерот, се оди со максимален капацитет на производство со зголемување на човечките реурси и месечно се произведуваат 75.000 до 80.000 пасоши, за разлика од претходно кога максимумот бил 50.000.
– Целта сега е во насока да обезбедиме дополнителна количина на пасоши за да го продолжиме континуитетот на производство на пасоши, да не ги заклучиме машините средина на мај, да не ја остават истата ситуација кога дојдов во Министерството, и да се обезбеди континуитет се до пристигнувањето на поголемата пратка обрасци во текот на јуни – посочи Тошковски.
Според него, се решава проблемот со подигнување на документите. Бројките, посочи, не лажат и рапидно растат месецов во споредба со претходниот период.
– Во март само во Скопје ќе бидат фоотграфирани над 100 000 граѓани, но факт е дека овој генерален проблем нема да го решиме во овој период заради тоа што заклучно со 12 февруари годинава требаше да бидат обновени над 2.150.000 лични документи со старо име со ново име, а тоа не возможно да го направи никој особено не од денешен аспект. За желбата на премиерот и на останатите добронамерници ако сакаат навистина да помогнат, најмалку што можат да сторат е да влијаат на пратениците да го изгласаат законот за овие 100.000 граѓани на кои ќе им биде прекршено уште едно гарантирано право согалсно сите меѓународни акти – изјави Тошковски.
Џафери вчера изјави дека МВР ја интензивирало динамиката во однос на вадењето лични документи со новото име и според него ако оваа динамика продолжи, до изборите оние граѓани кои немаат документи со новото име тоа би можеле да го завршат до почетокот на изборите.
– Статистиките, кои што дадов задача, да се прават на дневна основа со податоци од МВР зборуваат за следново. Од 1. јануари до 29 февруари 2024 година вкупно за патни исправи – пасоши има 123.983 барања , од кои изготвени се 95.267. Ова е показател за динамиката на работа, за еден месец од 124.000 издадени се 92.002 патни исправи. За лични карти примени се 82.235 барања, од кои се изготвени 71.410. За возачки дозволи примени се 46.280 барања, од кои се изготвени 39.552. Имајќи предвид дека има уште 50 дена до изборите со оваа динамика, стоте илјади граѓани кои немаат документи, што се појавува како информација, во текот на март месец можат сите да се опремат со соодветни документи, но првенствено и самиот граѓанин треба да го иницира барањето. За да имате документ треба вие да побарате – изјави Џафери.