Поддршка од ДУИ за Стево Пендаровски во вториот круг ќе биде добро за Гордана Силјановска, анализира шефот на парламентарната комисија за надворешна политика Антонио Милошоски во „Анализа“ на 24ТВ.
– Имајќи го предвид имиџот на ДУИ како корумпирана партија која над 20 години е на власт и којашто е инволвирана во многу скандали, може да се очекува дека поддршката за Пендаровски од Мала Речица ќе мобилизира многу граѓани да излезат да гласаат против ДУИ и нивниот протеже – смета Милошоски.
Ако ДУИ директно ги повика своите симпатизери во вториот круг да гласаат за Пендаровски, додава пратеникот, тоа практично ќе значи направена услуга за професорката Силјановска.
– Се согласувам дека никој не ги носи своите гласови во својот џеб и дека не може секој кандидат да ги префрли гласовите од едно на друго конто. Ќе биде тоа слободна волја на гласачите, но очекувам дека опозициската волја ќе доминира и во вториот изборен круг. Тоа е нашето мислење. Во тој контекст сметам дека Силјановска има голема предност. Работата на претседателот Пендаровски може да се оценува и таа оценка не е задоволителна – рече Милошоски.