Германската влада денеска соопшти дека прислушуваниот разговор на високи германски воени офицери за потенцијален напад на мостот на Крим не укажува на подготовките на Берлин за војна против Русија.
„Јасно е дека наводите дека разговорот докажува дека Германија се подготвува за војна против Русија се дел од апсурдната и одвратна пропаганда на Русија“, изјави на прес-конференција портпаролот на германската влада Волфганг Бехнер, пренесе Тас.
Како што често сме виделе претходно, тоа е дефинитивно обид да се создаде раздор во Германија и Европа, додаде Бехнер.
Во аудио снимката од разговорот меѓу високи германски офицери, тие зборуваат за можноста за удирање и уништување на мостот на Крим со ракети Таурус и за тактичките детали за подготовка на таков напад.
Германското Министерство за одбрана на 2 март потврди дека бил пресретнат разговор меѓу високи германски офицери, по што канцеларот Олаф Шолц нареди брза истрага, а денеска уште еднаш ја отфрли можноста ракетите Таурус да бидат испратени во Украина.
„Систем за оружје со многу долг дострел не може да се испорача без да се размисли како би се користел. А ако сакате контрола и ако тоа е можно само со учество на германски воени експерти, тие испораки се целосно исклучени“, рече Солц.