Претседателскиот кандидат на албанската опозиција Арбен Таравари смета дека на претстојните избори опозицијата во албанскиот кампус има реална шанса да ја победи партијата на Али Ахмети, со оглед на тоа што ДУИ предолго е дел од власта. Во однос на коалицискиот капацитет, Таравари вели дека е посакуван партнер и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.
Таравари во интервју за „Слободен печат“ посочува дека на изборите главен таргет им е албанскиот етникум, но напоменува дека очекува огромна поддршка и од Турци, Роми, Бошњаци, Македонци и други етнички заедници.
Тој вели дека со понудата од страна на лидерот на ДУИ Али Ахмети, да биде прв албански премиер или претседателски кандидат, ќе освоеле повеќе пратеници, но тоа немало да донесе промена.
– Понудата на господинот Ахмети беше понуда што тешко може да некој да ја одбие. Ќе беше многу лесно. Нашата партија и овие што се проДУИ ќе одевме, ќе земевме одреден број пратеници, меѓутоа после тоа веќе ќе немаме политички идентитет. Mи нудеа што сакам – и прв албански премиер и претседателски кандидат да бидам од ДУИ и Алијанса или пратеник да бидам. Меѓутоа идејата не ми беше таква. За мене лично беше најдобро со господинот Ахмети да се договорам, меѓутоа ќе имав проблем со гласачите – вели Таравари.
Во однос на коалицискиот капацитет, Таравари смета дека се посакуван партнер и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, но вели дека никому не дале збор.
– Ако направите една анкета меѓу членството на СДСМ ќе видите дека поголемиот број од нив повеќе би посакале коалиција со албанската опозиција отколку со ДУИ. Инаку, ние никому не сме му дале збор за коалиција. Ние ќе го тераме нашиот натпревар во албанскиот блок со трите приоритети од кои сите се за европкска Македонија – вели Таравари.
Тој потенцира дека раздорот во Алијанса за Албанците бил неминовен затоа што подолго време имале несогласување со Зијадин Села, при што Села мислел дека Алијанса треба да оди сама, а тој сметал дека треба да се обидат со опозицијата да ја донесат промената кај Албанците.
Прашан за иднината на партијата, Таравари рече дека ќе се чека одлуката на надлежниот суд и без разлика каква ќе биде, истата ќе биде испочитувана.