Ако изборот за претседател на државата се сведе на избор во Собранието, тоа ќе значи дерогирање на уставната позиција, на највисоката уставна позиција, а тоа е претседател на Република Македонија, изјави потпретседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Весна Бендевска во „Анализа“ на 24 Вести.
– Претседателот на државата ги црпи интегритетот и легитимитетот на директни избори од граѓаните и тоа тежи многу повеќе отколку да се сведе на избор во Парламент од страна на претставници на граѓаните. Тоа ќе биде легитимитет кој се црпи посредно. Ние сметаме дека претседателот треба да го зголеми и да го зачува својот уставен капацитет и да го црпи легитимитетот директно од граѓаните, бидејќи уставните ингеренции на претседателот не се мали. Тој е врховен командант, претседател на Советот за безбедност, а многу сериозни ингеренции има и во областа на уставно загарантираните човекови права и слободи. Ставот на ЗНАМ е дека претседателот треба и понатаму да се бира на директни избори од граѓаните – потенцира Бендевска.