Тројцата обвинети лекари од струшката болница не направиле пропуст при лекувањето на родилката Јилдз Веапоска од Дебар туку спасиле еден млад живот, констатира вештачењето на проф. д-р Драге Дабески, кое беше презентирано денеска во Основниот суд во Струга.
Д-р Дабески констатирал дека, според доставената документација за вештачење, лекарите во струшката Болница постапиле правилно кога ги извадиле органите за санирање на крварењето предизвикано од бубрежната артерија.
Во судската постапка против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, денеска вкрстено беше испрашуван вештакот Дабески, кој на барање на обвинетите го изработи вештиот наод за отстранувањето на матка, јајник и бубрег по породувањето со царски рез на родилката Веапоска.
Бранителот на оштетената не го признава вештачењето на д-р Дабоски и рече дека тоа е спротивно на првото, изработено од судска медицина.
– Вештачењето на Судска медицина укажува дека се пропуштени многу работи при операцијата и скоро е невозможно поинаку да размислуваме. Обвинетите ќе мора да одговараат за дејствијата кои ги презеле, односно што не ги презеле. Верувам дека и Судот е заинтересиран да се утврди правата вистина во поглед на тоа како е возможно бремена жена да влезе здрава-права во операциона сала, а потоа да излезе без три органи. Тоа е мистерија – изјави по рочиштето адвокатот на Веапоска, Сашо Јанев.
Оштетената Веапоска, пак, го поставува прашањето како лекарите во Болницата во Струга ѝ го спасиле животот, кога во кома била пренесена на скопските клиники каде ѝ бил извршен уште еден хируршки зафат.
– Овие лекари не ми го спасија животот, овие лекари ми го упропастија животот, ме направија инвaлид, не можам повеќе да раѓам и не можам повеќе да имам деца – изјави Веапоска.
Следното рочиште е закажано за 23 април за кога треба да бидат повикани сите вештаци од судска медицина и професорот Дабески, со цел да ги усогласат вештачењата.