More

    Бизнисмените против, експертите бараат да се заштити стандардот на населението

    spot_img

    Дали околу 50 основни производи ќе имаат ограничени цени и во март, ќе одговори владата деновиве. Ограничените цени за дел од производите важат до крајот на месецов, а Министерството за економија прави анализа колку тоа ќе биде потребно со оглед дека Собранието треба да го донесе Законот за нефер трговски практики кој се прикажува како брана за еуфорично зголемување на цените на производите опфатени со мерката.

    Завршувањето на мерката може да значи задоцнета инфлација и намалена желба за инвестиции кај компаниите, велат економисти и експерти. Дел од нив предлагаат да се воведат регулирани цени за животно значајните производи.

    Бизнисмените се со став дека нема потреба од ваква мерка во услови на пазарна економија. Тие очекуваат во иднина владите да не носат вакви мерки без да се пресметаат загубите по работењето на компаниите.

    И едните и другите велат дека освен замрзнувањето на цените има голем број други мерки кои би дале подобри ефекти. Фактот дека стапката на инфлација достигна високо ниво од 9,4 отсто во 2023 година укажува дека оваа мерка не беше ефективна во справувањето со економските предизвици, а стандардот на граѓаните и натаму опаѓа иако платите растат.

    Граѓаните се во очекување дека цените ќе почнат вртоглаво да растат, ако се укине мерката, но не се сигурни дека и ако ја има цените нема да растат.

    – Тоа се случуваше во март лани, тоа ќе се случи и сега, иако и досега цените полека-полека растеа. Што можеме ние како граѓани кога никој не нè прашува за ништо освен кога треба да гласаме. Ете видете ја синдикалната кошничка и споредете ја со платите па ќе видите до каде стигнавме – вели Милан А. од Карпош.

    Економисти оценуваат дека е можен пораст на цените на производите по укинувањето на мерката, доколку во меѓувреме се промениле производните цени на производите и се продлабочи глобалната несигурност поради конфликтите. Според нив, оваа мерка не е економска и е поврзана со стандардот на граѓаните и со мерката за помош на одделен број граѓани. Ако се продолжи мерката сметаат дека ќе биде само во функција на изборите.

    – Нема некое логично објаснување на продолжувањето на рокот на замрзнување на цените на одделни прехранбени производи, освен ако не е во прилог на изборите и одржувањето позитивен ефект од субвенционирање на одредена категорија граѓани – вели економистот Маријанчо Николов.

    Тој предупредува дека може да се случи трговците повторно да профитираат и покрај тоа што владата ги одржува цените замрзнати.

    – Цените се замрзнати на определено ниво, но во меѓувреме имавме речиси неколкумесечен пад на цените на овие производи на светските берзи, освен во декември кога беше забележан благ раст поради кризите. Не се знае дали трговците во овој период увезле и производи со пониски цени од замрзнатата цена, создале резерви и ги продаваат по замрзната цена која во случајот би била повисока за овие производи. Владата треба да ги има предвид овие состојби пред да ја задржува мерката и во иднина, бидејќи во тој случај корист ќе имаат само трговците, а прехранбената индустрија и земјоделците ќе претрпат штета. Секако, цехот од ваквите состојби ќе го платат граѓаните по укинување на мерката кога цените ќе почнат неконтролирано да растат – изјави неодамна Николов за Плусинфо.

    Според него, ваквите мерки не треба да се држат долго и поради фактот дека треба да го зголемиме домашното производство на храна и да го намалиме увозот, за да можеме да имаме стабилни цени.

    Професорот Здравко Савевски, пак, смета дека државата треба да ги продолжи овие мерки со оглед дека стандардот на граѓаните се влошува и предлага за одредени производи од животно значење за граѓаните да се воведе регулирана цена исто како и за нафтата и за нафтените деривати.

    – Состојбата на пазарот на храна покажува дека цените се стабилизирани и без да има заштитни мерки од државата, но кај нас состојбата е поинаква има повеќе фактори кои покажуваат дека цените ќе почнат да се зголемуваат под изговор дека постои некаква инфлација. Поради тој ризик треба да се продолжат мерките, а на подолг рок треба да се размислува за трајно регулирање на цените на одредени животни производи бидејќи се значајни. Тоа нема да им наштети на компаниите и на слободниот пазар. Практиката со регулирањето на цените на нафтените деривати покажа дека тоа е можно и дека нема последици врз работењето на компаниите. Посебно е потребно вакво регулирање на цените на одделни производи и поради стандардот на граѓаните кој незапирливо се намалува – вели Савевски.

    Експертите од Институтот за економски анализи и политики Фајнанс Тинк оценуваат дека целокупно мерките спасиле значаен дел од доходот на домаќинствата, посебно на посиромашните домаќинства и посебно мерките од последниот пакет кои се во сила. Гледано како удел во вкупниот доход, најголемо позитивно влијание овие мерки извршиле кај најсиромашните домаќинства.

    Но, проблематично за економистите е тоа што значаен дел од мерките беа нетаргетирани, и тоа најмногу важи за мерките кои се однесуваа на цените, како замрзнати цени или профитни маржи, намалување на стапката на ДДВ, субвенционирање на цената на струјата и парното греење и слично.

    „Неопходно е да се размислува за замена на нетаргетирана мерка за замрзнати цени на основните прехранбени производи со друг контингент мерки, зависно проблемите што евентуално се присутни на терен. Ако постои нефер договарање за цените на прехранбените производи, во услови кога растот на цените на инпутите во производниот процес или на цените од увоз е значајно намален, а кај некои производи дури и негативен, тогаш треба да се впрегнат механизмите на антимонополското законодавство, вклучително и со законско проширување на надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата“ се наведува во оценката на Фајнанс Тинк.

    Бизнисмените сметаат дека со државна интервенција во пазарна економија не можат да се постигнат големи ефекти, но затоа пак мерките на владата придонесоа да се зголеми сивата економија. Тие предупредуваат дека со намалување на цената на производите се намалува и квалитетот бидејќи бизнисите се обидуваат да ги намалат загубите.

    Дел од бизнисмените дури сметаат дека за одредени производи воопшто не е потребна интервенција на државата бидејќи нив ги регулира конкуренцијата. Па така се случува тие и покрај цената која е замрзната на одредено ниво сега да се продаваат далеку под таа цена. Таква е состојбата со брашното коешто има далеку пониска цена од онаа на која се замрзна во септември кој требаше да се намали за 10% во однос на 1 август 2023 година.

    – Производството на брашно кај нас и пошироко во регионот е под силна конкуренција, а цената се формира како резултат на берзанските цени на пченицата. Овие цени во изминатите месеци и посебно во јануари паднаа на ниво од јули, односно за време на жетвата. На американската берза пченицата достигна цена од 200 евра по тон, а на европската 210 евра по тон. Цената во Србија е 160 евра по тон. Сегашната цена на брашното е 23 денари за килограм, а зависно од цената која секој производител ја имаше на 1 август лани цената со владината одлука е замрзната на 33 денари. Што значи мерката за брашното ниту во септември ниту сега е оправдано, но затоа пак, мелниците ја трпеа конкуренцијата од Србија каде што државата им даде 220.000 тони бесплатна пченица, но им ја ограничи цената неколку пати. Кај нас нема никакви субвенции, но затоа има затворени мелници – вели Горан Малишиќ, претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

    Спротивно на убедувањата на бизнисмените дека ваквите мерки му штетат на бизнисот и ја зголемуваат сивата економија, владата смета дека единствено решение на проблемот со драстичното растење на цените на прехранбените производи е во донесувањето закон за нефер трговски практики. Оттаму очекуваат Собранието до крајот на месецов да го донесе.

    Законот кој е на дневен ред на 140. седница на Собранието веќе ја помина комисиската расправа и расправата на пленарна седница, но за него дополнително ќе се гласа.

    Во изминатите две години се донесени десет одлуки за замрзнување на цените.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img