Украина ја обвини Русија за брутална егзекуција на седум воени затвореници во близина на Бахмут. Народниот правобранител Дмитриј Лубинец објави видео од наводниот масакр снимен со извидувачки дрон. На видеото се гледа како припадниците на руските сили ги извлекуваат невооружените Украинци од дупка, а потоа пукаат во нив и ги убиваат.
– На видеото што успеавме да го добиеме се гледа дека украинските војници се предаваат, рацете им се кренати, покажале дека се невооружени и дека не претставуваат закана. Русите требаше да ги фатат, но тие безмилосно ги застрелаа – напиша Лубинец на својот канал на Телеграм.
Народниот правобранител наведува дека најмалку седум Украинци се ликвидирани.
Командата на украинската копнена армија, да потсетиме, неодамна на својот канал на Телеграм објави видео од извидувачки дрон, на кој наводно се гледа како припадник на руските сили пука во ров во двајца украински војници кои претходно се предале.