Шумските пожари кои беснеат во австралиската сојузна држава Викторија веќе неколку дена зафатија живеалишта, соопштија денеска властите предупредувајќи дека прогнозата за „екстремна“ топлина за вториот дел од неделата може дополнително да ги поттикне шумските пожари.
Премиерката на Викторија Џасинта Алан потврди дека се уништени шест домови, додавајќи дека тоа е многу тешка вест за семејствата.
Покрај материјалната штета, настрада и добиток, а повеќе од 2.000 луѓе беа принудени да ги напуштат градовите на запад и да се упатат кон градот Баларат, 95 километри западно од главниот град на Викторија, Мелбурн.
Австралија се бори со временскиот феномен Ел Нињо, кој обично се поврзува со екстремни настани како што се пожари, циклони и суши.
Во Викторија денеска горат повеќе од 15 шумски пожари. Најсериозниот пожар, рангиран како втор најопасен, гори во близина на неколку оддалечени градови, соопшти државната агенција за управување со вонредни состојби.
Алан рече дека постои „загриженост за времето оваа недела, особено од среда до четврток“.
– Она што веќе го знаеме е дека показателите се во екстремен опсег, рече таа и додаде дека надлежните служби ќе се состанат денеска за да ги планираат активностите за следната недела.
Последните две сезони на шумски пожари во Австралија се слаби во споредба со „Црното лето“ 2019-2020 година, кога шумските пожари го опустошија копното на Турција, убивајќи 33 луѓе и три милијарди животни, пренесува Хина.
Австралискиот премиер Ентони Албанез денеска вети дека ќе ја обезбеди сета поддршка неопходна за да ѝ помогне на државата Викторија откако неколкудневните шумски пожари уништија домови, и откако властите предупредија дека екстремната топлина може да ги поттикне пожарите оваа недела.
– Ќе обезбедиме секаква поддршка што Викторија ќе ја побара – им рече Албанез на новинарите во градот Франкстон во Викторија.
– Тоа е потсетник за потребата од внимателност и континуирано дејствување против заканата од климатските промени – нагласи тој.