Снимки од огномет над Москва како дел од прославата на Денот на бранителите на татковината која традиционално се одржува на 23 февруари ги разбрануваа социјалните мрежи. Огнометот се случи само ден пред двегодишнината од почетокот на руската окупација на Украина која уште трае.
„Москва со огномет слави две години терор, масовни убиства и многу други ѕверства…“; „Прослава среде геноцидна војна“; „Да му испратиме вистински огномет“, гласат дел од коментарите на Икс.
Истовремено, некои иксаџии коментираа дека Путин е бесен поради вчерашното соборување на уште еден скап руски авион. Се работи за рускиот воен извидувачки авион Бериев А-50У/М за кој Украинците тврдат дека бил соборен над Азовското Море. Авионот вреди 330 милиони долари.
На видеото што денеска се појави на социјалните мрежи, наводно, се гледаат остатоците зафатени во пламен во рускиот Краснодарски крај, источно од Азовското Море.
Војната влегува во трета година, а денеска од Киев претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен рече дека сонот за суверена Украина уште живее. Многу челници од западните земји ги дадоа своите пораки за безрезервна поддршка за Украина. Укранскиот претседател Володимир Зеленски изјави „ќе победиме“.
Од 24 февруари 2022 година, војната ги однесе животите на најмалку 10.582 цивили, меѓу кои 5.017 мажи, 3.093 жени и 587 деца, според најновите податоци на Обединетите Нации, пренесуваат светските медиуми.