Идејата на дел од партиите која овие денови се реактулизира Претседателот на државата да се избира во Собранието не е нова. Станува збор за реафирмирање на барањето на ДУИ од 2019 година коешто не беше прифатено од страна на СДСМ. Како и тогаш така и сега, ставот на Социјалдмократскиот сојуз на Македонија останува идентитечен: Моделот на избор на претседател на државата не треба да се менува. Не треба да се оди назад во демократските процеси, се вели во писмената рекација на партијата и се додава:
„СДСМ останува на ставот дека Претседателот на државата треба да го бираат граѓаните на директни, непосредни избори како врвно демократско право на граѓаните. Претседателот на државата треба да биде претставник не само на мнозинската волја на граѓаните туку и на сите граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка или друга припадност. Претседателот на државата е човек кој е над партиските и над етничките определби, ги претставува сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, сите. Само Претседател избран директно од страна на граѓаните има толку широк потенцијал, да може да делува во обединување на општественото, на граѓаните, на партиите и да допринесе за остварување на врвните стратешки и национални цели“, информираат од СДСМ.