Славниот југословенски актер Велимир Бата Живојиновиќ ќе почива покрај сопругата Јулијана на гробиштатат во родната Корачица. Синот Миљк ја исполни последната желба на својот татко и неговите посмртни останки на 1 мај ќе бидат преместени од Алејата на заслужните граѓани во Белград во Корачица, каде што е роден и каде што е погребана неговата сопруга Јулијана Лула Живојиновиќ.
Оваа информација ја потврди синот на Бата, Миљко Живојиновиќ, кој истакна дека се испочитувани сите процедури и дека ќе се оствари желбата на неговите родители:
– Во 2020 година ги добивме сите потписи и согласност посмртните останки на Бата да бидат преместени. Меѓутоа, тогаш започна короната и сѐ запре. После тоа било откриено дека низ парцелата каде што требало да биде преместен поминува водоводна цевка која потоа ја префрлиле од водоводот. Потоа чекавме да помине некое време за да се среди земјиштето и сега сѐ е решено, а може да почнеме и со постапката за преместување на посмртните останки на татко ми. Планот е тоа да се направи до 1 мај – изјави Миљко Живојиновиќ.
Синот на славниот актер, за српските медиуми истакна дека ги завршува последните подготовки и дека на повторниот погреб ќе присуствуваат членовите на семејството и потесен круг на блиски луѓе.
– Сега одам во Аранѓеловац, нарачав бел мермер, па надгробната плоча ќе биде готова. Кога ќе дојде тој ден, според нашите стари верски и традиционални обичаи, ќе се изврши погребот и сѐ што следи. Сите членови на нашето семејство се во процес и ќе присуствуваат тој ден, како и сите оние блиски луѓе кои сакаат. Бата конечно ќе почива покрај Лула како што сакаа двајцата – изјави Миљко Живојиновиќ.
Бата Живојиновиќ почина на 82-годишна возраст, 22 мај 2016 година, од срцев удар по неколку здравствени компликации со кои се бореше со месеци. Седум месеци подоцна во декември 2016 година по кратко боледување почина и неговата сопруга Јулијана.