Стотици украински војници исчезнаа или се заробени од руски единици за време на нивното хаотично повлекување од градот Авдиевка, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на високи западни претставници и војници кои се борат за Украина.
„Тоа е катастрофална загуба за Киев што може да му нанесе удар на веќе ослабениот морал по минатогодишната неуспешна контраофанзива и смената на главниот командант Валериј Залужни“, наведува весникот.
Проценките за бројот на заробени или исчезнати Украинци варираат. „Њујорк тајмс“ се повикува на двајца украински војници и наведува дека од 850 до 1.000 војници се заробени или исчезнати.
Украина има големи проблеми со мобилизацијата. Украинската војска соопшти дека сака да мобилизира до 500.000 војници, но барањето наиде на политички отпор и е блокирано во Парламентот.
Русија на 10 октомври минатата година го нападна стратешки важниот град Авдиевка лоциран во близина на регионалниот главен град Доњецк. Русија соопшти дека градот на 17 февруари е „целосно ослободен“ откако Украина соопшти дека ги повлекува своите сили од градот.