Рускиот претседател Владимир Путин вчера обелодени дека Украина продолжува да добива пари од Русија за транзит на руски гас во Европа, и покрај војната.
– Од нас добиваат пари за транзит, колку и да звучи чудно… А ретко кој зборува за тоа – изјави Путин во интервју за телевизијата „Русија 1“.
Путин потсети дека едниот крак од гасоводот минува низ Украина, а украинската страна го затворила другиот крак за Германија.
Тој рече и дека има и рута за снабдување со гас преку Полска.
Рускиот претседател нагласи дека Европејците мора сами да одлучат дали им е потребен руски гас и дека, како што наведе, Русија ќе се снајде во секој случај, објави агенцијата Интерфакс.