Здружението Инженери (ИНРМ) тврди дека со невалидни одлуки донесени од Владата во Собранието се разгледувани предлог законите и договорите за реализација на 4 стратешки инвестициски проекти во енергетиката: „Соларна електрична централа – Пехчево“, „Соларен парк Стипион“, „Митилинеос когенеративна постројка“ Скопје и „АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ“.
Според нив, Комисијата за стратешки инвестициски проекти со чија одлука се доставени до Собранието одлучувала со состав што е спротивен на законот и одлуката на Владата од 22 септември 2020 година што е објавена во Службен весник, според која членови на комисијата се поранешниот премиер Зоран Заев, поранешните министри Насер Нуредини и Аријанит Хоџа и поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.
Владата, како што посочуваат, морала претходно со решение да ги определи за постојани членови Димитар Ковачевски како претседател на Владата, Каја Шукова како министерка за животна средина и просторно планирање, Љупчо Николовски како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Методија Димовски како генерален секретар на Владата.
„Оттука произлегува дека предлог законите и договорите за четирите стратешки инвестиции се донесени со невалидна владина одлука и со таква одлука се доставени до пратениците во Собранието“, наведуваат во денешното соопштение од ИНРМ.
Здружението наведува дека според членот 9 од законот за стратешки инвестиции Комисијата за стратешки инвестициони проекти има постојани членови и повремени членови на комисијата. Постојани членови се премиерот, вицепремиерот задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, министерот за финансии, министерот за животна средина и просторно планирање, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот за економија, министерот за транспорт и врски, генералниот секретар на Владата и министерот без ресор задолжен за странски инвестиции.
Повремени членови на Комисијата се министри од областа во којашто се спроведува стратешкиот инвестиционен проект, градоначалници на општините во кои се спроведува стратешкиот инвестиционен проект и претставник од надлежно регулаторно тело.
Инженерите забележуваат дека според владина одлука објавена во Службен весник број 231 од 25 септември 2020 година се формира Комисија за стратешки инвестициони проекти и се утврдуваат членови на Комисија. За постојани членови на Комисијата за стратешки инвестициони проекти се именувани Зоран Заев, премиер, Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања, Фатмир Бесими, министер за финансии, Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Аријанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Крешник Бектеши, министер за економија, Благој Бочварски, министер за транспорт и врски и д-р Драги Рашковски, генерален секретар на Владата.
„До денот на усвојувањето на предлозите на Комисијата од страна на владата, во Службен весник не е објавено ново решение за именување постојаните членови на Комисија со кое ќе се поништи решението донесено на седницата на владата на 22 септември 2020 година, од каде произлегува дека Комисијата која одлучувала со мнозинство гласови од вкупниот број на постојани и повремени членови согласно членот 9 став 3 од законот за стратешки инвестиции, одлучувала во состав кој е спротивен на законот и одлуката на владата од 22 септември 2020 година. Според тоа, постојани членови на комисијата не можеле да бидат Зоран Заев, Насер Нуредини, Аријанит Хоџа и -д-р Драги Рашковски, туку Владата морала претходно со Решение да ги определи за постојани членови: Димитар Ковачевски како премиер, Каја Шукова како министер за животна средина и просторно планирање, Љупчо Николовски како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Методија Димовски како генерален секретар на влада“, се наведува во соопштението од инженерите.
Здружението на инженери забележува дека не се почитувани ниту законските рокови за донесување одлука за сите стретешки инвестиции.
„Според членот 15 став 7 од Законот за стратешки инвестиции предвидува дека „владата ја донесува одлуката за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект во рок од седум дена од денот на добивање на предлог од Комисијата. Водејќи се од овие законски одредби и од дописите на владата до претседателот на собранието со кои се поднесени предлозите на закони и договорите за реализација на четирите стратешките инвестициони проекти, произлегува дека владата овие предлози ги има добиено од комисијата во рокови не подолги од 7, односно, не порано од 09.01.2024 и 15.01.2024 година (според датумите на одржаните седници на владата кога овие проекти се утврдени за стратешки – 16.01.2024 и 22.01.2024 година).
Здружението, повикувајќи се на овие докази тврди дека предлог законите и договорите за четирите стратешки инвестиции се донесени со невалидна владина одлука и со таква Одлука се доставени до пратениците во Собранието.