Годишната инфлација во Грција, во јануари годинава била 3,1%, наспроти 3,5% во декември 2023 година, а цените на прехранбените производи, за една година се за 8,3% поскапи, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалните податоците од грчката служба за статистика, од јануари 2023 до јануари 2024 година, најголемо зголемување, од 67,4% бележи маслото, а најголемо намалување има на цената на природниот гас за 60,2%.
Кај прехранбените производи, освен кај маслото, големо зголемување има кај цените на овошјето и зеленчукот, за 14%, месото во споредба со лани е за 6% поскапо, лебот и житните производи за 2% итн.
Споредбено со еден месец претходно, во јануари поевтини биле природниот гас, млекото, сирењето, тестенините, пилешкото месо, нафтата за греење и бензинот, а поскапи биле маслиновото масло, сувомеснатите производи, зеленчукот и струјата.
Во 2023 година, инфлацијата во Грција се движеше меѓу 1,6 и 7 %, најниска беше во септември, а највисока во јануари.