Американскиот претседател Џо Бајден во вчерашниот телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш го предупреди Израел од офанзива во градот Рафа во Појасот Газа без план за обезбедување на безбедноста на цивилите. Нетанјаху подоцна објави дека Израел нема да биде принуден на решение за две држави, објавија странските новински агенции.
Според Белата куќа, Џо Бајден и Бенјамин Нетанјаху разговарале за ситуацијата во Газа и испораката на хуманитарна помош за палестинските цивили.
„Претседателот зборуваше и за ситуацијата во Рафа и го повтори својот став дека воената операција не смее да продолжи без веродостоен и остварлив план за обезбедување безбедност и поддршка на цивилите во Рафа“, соопшти Белата куќа.
Нетанјаху подоцна објави дека по војната во Газа, Израел нема да дозволи да биде принуден да го реши блискоисточниот конфликт со две земји. „Израел цврсто ги отфрла меѓународните диктати за трајно решение со Палестинците“, објави Нетанјаху претходно денеска на социјалната мрежа Х. „Таков договор ќе се постигне само преку директни преговори меѓу страните без предуслови“, додаде тој.
Тој исто така нагласи дека Израел ќе истрае да се спротивстави на едностраното признавање на палестинската држава. „Таквото признавање, по масакрот на 7 октомври, би значело невидена голема награда за тероризмот и би спречил каков било иден мировен договор“, напиша Нетанјаху.