Мирот никогаш не можеме да го земеме здраво за готово, но не гледаме никаква непосредна воена закана за Алијансата, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на заседанието на Северноатлантскиот совет во Брисел, на кое учествуваше и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
– НАТО продолжува да гарантира дека нема простор за погрешни калкулации во Москва околу нашата подготвеност да ги заштитиме сите сојузници – истакна Столтенберг.
Тој потенцира дека зајакнувањето на способноста на НАТО за одвраќање и одбрана бара снабдување со ресурси за одбранбените планови и зајакнување на трансатлантска одбранбена индустриска база, за што се потребни инвестиции и Алијансата е на вистинскиот пат кон остварување на таа цел.
– Очекувам 18 сојузници да потрошат 2% од својот БДП за одбрана оваа година. Во 2024 година, европските сојузници на НАТО ќе инвестираат вкупно 380 милијарди американски долари во одбраната. Првпат тоа изнесува 2% од нивниот вкупен БДП. До крајот на 2024 година, европските сојузници и Канада ќе одвојат повеќе од 600 милијарди долари за одбрана. Имаме уште да сториме, но веќе направивме историски напредок – оцени Столтенберг.
Тој додаде дека на средбата станало збор и за зголемување на производството на муниција, надополнување на залихите и продолжување на поддршката на Украина,
– Треба да се префрлиме од бавното темпо на мирновременски услови, кон производството со високо темпо што го бара конфликтот. За да го направат тоа, на производителите им требаат потпишани договори, а само во изминатите неколку месеци НАТО склучи договори во вредност од 10 милијарди долари. Ова и помага на Украина. Тоа го прави НАТО посилен и обезбедува повеќе висококвалификувани работни места во Европа и Северна Америка, рече Столтенберг.
Тој потсети дека во тек е вежбата „Непоколеблив бранител“, како најголеми воени маневри на НАТО во последните децении со учество на приближно 90.000 сили од сите 31 членка на Алијансата и Шведска, со што се докажува способноста на силите на Алијансата да го одбранат источното крило.
Столтенберг додаде дека во рамка на министерскиот состанок се одржа и заседание на Советот НАТО-Украина на кое украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров ги информирал своите колеги за најновите случувања на теренот.
Министрите се осврнале и на важноста на континуирана поддршка на Украина и од тој аспект ја посочи најавената помош од Канада, Финска и Норвешка, доставата на опрема и резервни делови за авионите Ф-16 и за противвоздушната одбрана, како и испораката на еден милион беспилотни летала за земјата и формирањето „коалиција за деминирање“ на украинската територија.
– Сето ова ќе помогне да се спасат животи во Украина. Заедно, сојузниците на НАТО испорачуваат 99% од целата воена помош за Украина. Нашата континуирана посветеност е од суштинско значење за зачувување на слободата на Украина – потенцира Столтенберг.
Генералниот секретар на Алијансата информира и дека е донесена одлука создавање нов заеднички центар за анализа, обука и едукација НАТО-Украина во полскиот град Бидгошч.
– Центарот ќе и овозможи на Украина да ги сподели лекциите научени од војната во Русија и ќе создаде структура за украинските сили да учат и да тренираат заедно со нивните сојузнички колеги. Ќе продолжиме да стоиме со Украина. За украинската безбедност и за нашата – додаде Столтенберг.