Србија не е на прагот на епидемија на морбили, туку е на прагот на епидемија на голема кашлица, изјави денеска министерката за здравство на Србија Даница Грујичиќ.
– Од Нова година имаме околу 400 нови случаи на голема кашлица. Тоа е многу и моја молба до сите е да се вакцинираат децата според календарот што е законски предвиден. Преземаме непотребни ризици – изјави Грујучиќ при обиколката на Универзитетскиот клинички центар во Ниш, јави дописникот на МИА од Белград.
Грујчиќ рече дека наскоро ќе се одржи седница на Републичката комисија за заразни болести, на која ќе се одлучи дали бремените жени ќе се вакцинираат против голема кашлица, за да се заштитат бебињата до 2 месеца бидејќи децата дури по навршени 2 месеца почнуваат да примаат вакцина против оваа болест.
– Најголемиот број заразени деца се на возраст од 10 до 14 години, но за среќа, нивната клиничка слика не е толку тешка како онаа на малите бебиња. Децата кои починаа не беа заштитени со вакцина – рече Грујичиќ.
„На територијата на Белград од 5 до 11 февруари се регистрирани 51 нов случај на голема кашлица, а од март 2023 година до 11 февруари годинава се регистрирани 815 случаи на оваа болест“, соопшти Градскиот институт за јавно здравје.
До вчера, на територијата на Србија се пријавени 4 потврдени случаи на мали сипаници.