На парламентарните избори очекувам историска победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со освојување на повеќе од 61 пратеник, додека на претседателските, исто така, очекувам да победи кандидатот кој што ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска за време на посетата на Кавадарци по повод празникот на лозарите Свети Трифун.
Мисковски ги повика пратениците да стават крај на голготата на македонските граѓани и да се поддржи законот во Собранието со кој што ќе се продолжи важноста на личните карти и пасошите.
– Поради лошите политики на СДСМ и ДУИ граѓаните се затвореници во сопствената држава, а единствен начин да се стави крај на тоа е да се поддржи иницијативата законот во Собранието со кој што ќе се продолжи важноста на личните документи
Што се однесува до кризата која што ја наметна владата на СДСМ и ДУИ со своите кадри во министерството за внатрешни работи изминативе години, а тоа е во издавањето на патните исправи или пасошите, ние коментираме повеќе од месец дена наназад, јас лично кажав дека неодговорниот однос, незнаењето, би рекол бахатоста која што ја имаат раководните кадри на СДСМ и ДУИ во МВР, во работењето исклучиво да се прави притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, врз мене лично, врз луѓето околу мене, а да не се работи за државата и тоа кое што е потребно за граѓаните, доведе да се случи ова што се случува – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, станува збор за многу едноставна работа и не е во прашање политика туку е во прашање физика и математика.
– Во овој момент има повеќе од милион граѓани кои што треба да извадат нови патни исправи или пасоши, околу милион и 100 илјади, имате две машини кои што работат од 7 до 10 часа на ден секоја од нив има капацитет 120 патни исправи. Во идеални услови да работат, да нема никаков испад, да нема никаков дефект, да има навремено обезбедено обрасци, вам ви се потребни повеќе од две години за да биде потребата задоволена. Вистинското прашање е зошто ова се случи и кој е тој виновникот кој што ги доведе граѓаните во оваа подредена положба а и Македонија во подредена положба – рече Мицкоски.