Како што и досега странци истакнувале поддршка за политичари во Северна Македонија, тоа не е проблем да го прави и косовскиот премиер Албин Курти, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, додавајќи оти партии од Европа и досега давале поддршка на идеолошките блиските партии во Македонија.
– Неговата поддршка на луѓе кои се македонски државјани, не е спорна. Овде не станува збор за странци кои ќе учествуваат на наши избори, бидејќи тоа е недозволено. Сите тие луѓе кои се споменуваат во медиумите како негови луѓе се државјани на Република Северна Македонија и имаат право да учествуваат на избори. А политичка поддршка, господинот Курти може да биде кому сака, бидејќи тоа со години наназад го прават Партијата на европски социјалисти на оние партии кои тие ги поддржуваат тука и Европската народна партија за десните партии во Македонија – изјави Пендаровски при посетата на Државниот универзитет во Тетово.
На прашањето за коментар на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Курти сака да ја победи ДУИ во Македонија, Пендаровски нагласи дека не би сакал да коментира странски државници кои имаат веројатно некоја своја домашна агенда.