Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека утре ќе имаат конститутивна седница на Републичкиот изборен штаб, а во однос на прашањето за претседателски кандидат, вели дека сè уште е отворен огласот и сите кои ќе ги исполнат условите и до 21 февруари се пријават, ќе бидат дел од Конвенцијата. Но, соопшти дека во ВМРО-ДПМНЕ „се мери“ рејтингот на три имиња како потенцијални кандидати за претседателските избори.
– Тие процеси се одвоени. Ние како партија независно од огласот мериме имиња. Можам да кажам дека не се повеќе од три имиња во моментов, но огласот е отворен и тоа е независно од анализата на партијата. Секој што ќе ги исполни условите, ќе биде дел од Конвенцијата за претседателски кандидат кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи, а со самото тоа и иден претседател на Македонија – потенцира Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ очекува повеќе претседателски кандидати, и од коалицијата предводена од СДСМ и од албанските политички партии.
-Би било неполитички и демократки непаметно да не истакнат свој кандидат и да не ги искористат тие моменти, бидејќи на тој начин ценам дека би биле под чадорот на една политичка владина партија, така што во име на демократијата очекувам повеќе кандидати. Да повторам, кандидатот на една политичка партија покрај поддршката од таа, неформална поддршка очекувам да добие и од владината колаиција СДСМ-ДУИ за да собере потписи да учествува во трката – додава Мицкоски.