Лидерот на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари сподели фотографии на својот фејсбук-профил, на кои се гледа како голема група граѓани со запалени факели му изразуваат поддршка, а тој со мегафон им се обраќа на поддржувачите.
Неколку стотици граѓани на Гостивар, негови поддржувачи, се собраа синоќа пред куќата на Таравари, откако вчера пред неговиот дом бил пронајден неиспукан куршум од автоматска пушка.
Тој ја нарече оваа порака „мафијашка“, а уследи по конфликтот со поранешниот лидер на партијата Зијадин Села, кој силно се спротиставува на придружувањето на Алијанса кон опозицискиот сојуз на партиите на Албанците во Македонија.
– Знаев дека гласот на народот е за соработка со опозицијата. Тоа го заклучив зборувајќи со шефовите на ограноците, говорејќи на состанокот на претседателството пред еден месец. Но, сега кога ја гледам поддршката од населението, сигурен сум дека ова мора да го продолжиме, со што ќе им ја донесеме промената за Албанците. Среќен сум што ги имам луѓето со мене. Сега најмногу што им треба на Албанците е да им донесеме промени. Верувам дека на 8 мај заедно ќе славиме. На моето барање за соработка со опозицијата позитивно одговорија 70 отсто од парламентарците – рече Таравари синоќа пред собирот во знак на поддршка за него, пренесе ТВ 21.
Таравари го коментираше на Фејсбук и пронајдениот куршум пред неговиот дом.
„Кој и да го испукал тој куршум, му велам: ‘И да пукате тешка артилерија, промената започна и нема да запре’. Можете да ме убиете, а тоа би била голема загуба за моето семејство и жал ми е што и моите деца го читаат ова. Но, ти би убил само еден човек, што ќе правиш со илјадниците, стотици и милиони луѓе кои веќе се кренати на нозе? Не можеш да молчиш, да убиеш, да запреш народ. Ви благодарам на сите што ме поддржувате! Го правите моето срце планина! Промената ја започнавте со мене или без мене. Промената е готова“ – напиша Таравари.
За инцидентот со неиспуканиот куршум пронајден пред домот на Таравари осуда стигна и од бројни негови сопартијци. Поддршка му изразија и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, како и министерот за здравство Фатмир Меџити, пратеникот од оваа партија Халил Снопче, како и од партиската Академија на интелектуалци. На страната на поранешниот претседател на Алијанса на Албанците Зијадин Села засега е министерот за правда, Кренар Лога.
Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски вчера изјави дека го загрижуваат информациите за пронајдениот неиспукан куршум пред куќата Таравари и дека Министерството за внатрешни работи треба ригорозно да интервенира, како и за завчерашниот физички напад врз директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците.
Села, кој е претседател на Централното собрание на Алијанса, денеска упати покана до членовите на ова партиско тело за присуство на седница која ќе се одржи во сабота во 13 часот во Ресорт Буши во Скопје. Прва точка е извештај на претседателот на партијата Арбен Таравари во врска со политичките случувања и разговори во пресрет на парламентарните и претседателските иззбори.
Поканата до медиумите е испратена од официјалниот мејл на Алијанса за Албанците, поканата до членовите на Централното собрание е испратена и потпишана од организацискиот секретар на партијата Исен Шабани, а на документотза одлуката за свикување на состанокот и за дневниот ред стои потписот на претседателот на Централното собрание Зијадин Села.
Централното собрание има 133 членови, од кои, како што изјави Таравари, повеќе од 80 му изразиле писмена поддршка.