Долниот дом на францускиот Парламент синоќа со огромно мнозинство гласови во прво читање ја прифати владината реформа, чија цел е да се вметне во Уставот „гарантираната слобода“ на жените да ја прекинат бременоста.
Одлуката беше поддржана од 493 пратеници, додека 30 беа против.
Предлог-законот сега ќе се префрли во Сенатот на расправа и гласање, а доколку биде одобрен, специјалното тело составено од двата дома на парламентот ќе се состане за негово усвојување.
За измената на Уставот да стапи на сила Сенатот, во кој доминираат десницата и центарот, треба да го усвои текстот таков каков што е, без измени, иако има несогласувања на мнозинската десница за некои формулации од реформата.
Доколку се изгласа законот, Франција ќе стане првата држава во светот да го вклучи правото на абортис во својот устав.