Рекорден буџет од околу 20 милиони денари или околу 325 илјади евра годинава е наменет за Програмата за културни манифестации на Општина Куманово, објави Кумановоњуз.
Најмногу пари се планирани за ноемврискиот мегаконцерт по повод ослободувањето на Куманово, вкупно 2 милиони денари, за новогодишната програма на Фондацијата за култура и спорт која ќе чини 1,1 милиони денари, свечената седница за Денот на градот е проектирана на 1 милион денари, а за организација на Мото-фест ќе бидат потрошени 800 илјади денари.
Најпознатата и најпопуларна манифестација „Денови на комедија“ годинава добиваат поголема локална поддршка, односно 330 илјади денари. За 50 отсто поголем буџет имаат Рома труба фест и јубилејното 20-то издание на Тамбурашкиот фестивал, и тоа по 450 илјади денари, додека „Тумба-фест“ добива 250 илјади денари.
Ова здружение ќе го реализира и проектот „Биди и ти КУЛтура“ за кој ќе добие дополнителни 100 илјади денари.
За поддршка и промоција на млади локални уметници, пак, Општина Куманово ќе потроши 300 илјади денари, или двојно повеќе од 2023 година. Континуирано се исплаќаат и средства за поддршка на културно-уметничките друштва, односно седум од нив добиваат по 50 илјади денари, исто како лани.