Понудата на италијанската компанија Леонардо е избрана како најсоодветна во процесот на набавка на осум нови повеќенаменски хеликоптери за Армијата на Република Северна Македонија – информираше министерката за одбрана Славјанка Петровска вчеравечер во интервју за 360 степени.
– Пред една недела одржавме Управна група, на која што ставот на Генералштабот, што беше потврден од останатите вклучително и од мене, е дека најсоодветна, согласно перформансите, цената, вклучително и системот за одржување е понудата од италијанската компанија Леонардо – рече министерката.
Ќе бидат набавени два типа хеликоптери, Агуста 149 и Агуста 169. Едниот хеликоптер е со поголема носивост, до 14 патници со опрема, а другиот е со помала носивост, до 8 патници исто така со вклучена опрема.
– По оваа одлука се влегува во фаза на формирање на комисијата за набавки која ќе започне со преговарање со компанијата чија што понуда е селектирана како најповолна – рече Петровска.
Во однос на останатите проекти за модернизација на АРСМ, министерката истакна дека по пристигнатите 32 возила, годинава се очекуваат околу 16 дополнителни JLTV оклопни возила од американско производство, како и првите оклопни возила Страјкер.
Согласно договорите за набавка, истакна Петровска, испораката на системите за противвоздушна одбрана од Франција се очекува во втората половина на 2025 година, додека артилериските системи од Турција треба да пристигнат во периодот 2025-2026 година.
Буџетот за одбраната годинава го надминал прагот од 2 проценти од БДП, односно изнесува 2,05% или околу 327 милиони евра.
– Една третина од одбранбениот буџет е наменет за модернизација и опремување на Армијата со што Северна Македонија ги исполни двата критериуми на НАТО за буџетирање на одбраната – минимум 2 проценти од БДП за одбрана и најмалку 20% од овие средства да бидат анменети за модернизација – рече министерката за одбрана.