Дали граѓаните да продолжат да прават резерви на масло за јадење? Од Владата велат нема потреба бидејќи има доволно резерви на масло за јадење, а веќе тече увозот на овој производ од српски производители во пакување од литар. Граѓаните, пак, велат дека посигурно е да направат домашна резерва, отколку да нема со што да направиш јадење кога во продавниците полиците се празнат за неколку часа.
Домашните производители на масло за јадење, веќе кажаа дека двојно го зголемиле производството, редовно го снабдуваат пазарот, но имаат проблем со набавка на суровина. Србија уште не ја крена рампата за извоз на нерафинирано масло.
Владата деновиве соопшти дека, и покрај домашното производство кое е доволно да го задоволи домашниот пазар, набави дополнителни 2.000 тони рафинирано масло за јадење од Србија за да ја смири потрошувачката на овој производ во маркетите. Најавено е и дека ќе се набават и дополнителни количини, ако за тоа има потреба. Нема информација, дали се размислува и за активирање на државните резерви, ако кризата потрае.
– Динамиката за тоа како ќе тече увозот на маслото и дистрибуцијата до маркетите зависи од договорите на компаниите. Министерството и Владата ќе го следи процесот на дистрибуцијата на маслото за јадење до маркетите – изјавија од Министерството за земјоделство.
Домашните производителите на рафинирано масло за јадење деновиве соопштија дека двојно го зголемиле производството и редовно го снабдуваат домашниот пазар со овој производ, но се соочуваат со проблеми при набавка на суровина.
Велешки „Кристал 1923“ и струмички „Алмакс“ увезуваат суровина од Бугарија од каде што моментално нема ограничување за извоз. „Брилијант“, пак, се обидува да обезбеди дополнителни количини увоз од други земји, бидејќи договорениот увоз од Србија сè уште не е почнат да се реализира.
Како што изјавија за Плусинфо неодамна од „Витаминка“ во чиј состав работи фабриката „Брилијант“ суровина се договара да се увезе од други земји, но цената е далеку повисока од српската.
– За да не дојде до недостиг на масло за јадење во следниот период, се трудиме да најдеме начини за обезбедување суровина од Бугарија, Украина, Романија. Иако овие пазари се поскапи, сепак во моментов се единствената опција. Затоа, за да нема влијание врз крајната цена на маслото за нас приоритетен пазар е српскиот – рекоа од компанијата.
Од Србија моментално се увезува само рафинирано масло за јадење во пакување од 1 литар од тамошните фабрики.
Новиот увоз на масло за јадење и ограничувањето на продажбата на сончогледово масло за јадење, кои како мерки за намалување на непотребното купување на овој производ од страна на граѓаните, се чини не ги даваат очекуваните резултатите. Погледот во маркетите на полиците за масло за јадење, говори дека овој производ го нема или брзо се троши. Граѓаните се неуморни во потрагата по зејтин.
– Велат набавиле доволни количини, а потоа додаваат дека толку се троши за еден месец. Велат има домашни резерви, ама пак увезуваат од странство. Домашните компании тврдат дека го зголемиле производството, ама во маркетите не може нормално да се купи литар зејтин. Задоволна си ако при пазарењето случајно налеташ на некое шише. Сето ова прави да бидеме несигурни дека овој производ ќе го видиме на полиците при секое одење во маркет како порано. Е, затоа правиме резерви – вели скопјанка.
Повозрасен граѓанин кој го анкетиравме пред еден од маркетите предлага да се воведат бонови со дозволена месечна количина на зејтин, наместо актуелното ограничување на продажбата на 2 или 3 литри.
– Со бонови не можеш да купуваш повеќе од дозволеното. Мислам дека само така може да се спречи ова лудило на трчање по продавници да се купи зејтин. Луѓето сега трчаат по продавници. Во една два литри во друга три и така додека не обезбедат колку што мислат дека им треба, а трговците се мачат да обезбедат резерви за да имаат да продаваат – вели тој.
На терен се и инспекторите, но и тие нема што да прават со желбата на граѓаните да купуваат поголеми количини за резерва.
До кога ќе трае ваквата состојба на пазарот не се знае, иако владата уверува дека не се активираат државните резерви бидејќи резерви од зејтин имаат и производителите и трговците.