Заткулисни игри на ЕСМ и на МЕПСО на државна сметка

Lorita
By Lorita 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Стана практика РЕК Битола во зимски период да работи само со еден блок. Деновиве, работи само Блок 2, првиот се подготвува да се вклучи во мрежата, а третиот во периодот кога треба да работи со целосен капацитет е плански исклучен заради тековно одржување. Но, и да работат трите блока на овој енергетски капацитет прашање е дали ќе можат да бидат вклучени во мрежата зашто не функционира далекуводот преку кој се пренесува струјата. Кога ќе биде оспособен треба да решат државните компании ЕСМ и МЕПСО кои си ја префрлаат топката една на друга за тоа која од нив треба да испрати работници за да го решат проблемот.

Експерти и поранешни вработени во РЕК Битола велат дека среќа што има увоз на струја и доволно силно сонце за да работат фотоволтаичните централи па нема да се почувствува недостиг од струја. Според нив, има две причини за ваквата состојба во најголемиот енергетски капацитет во земјава. Едната е од техничка природа – староста на опремата која може да предизвика чести испади и немањето доволно јаглен, а втората е човечкиот фактор односно неговата способност да се носи со задачата која му е дадена.

Поранешниот раководител во овој енергетски капацитет Спиро Мавровски вели дека ваквата состојба е резултат на неодговорни раководители кои не ги завршиле подготовките на термоелектраната за зимски период и на државата која како сопственик на двете енергетски компании (ЕСМ и МЕПСО) дозволува тие да се однесуваат како мали деца, ако при тоа нема намера целосно да го исклучи РЕК Битола.

– Неразбирливо е како во период кога овој енергетски капацитет треба да работи со целосен капацитет е оставен само на еден блок. Но, ова не е нешто ново, сведоци сме дека веќе неколку години состојбата се повторува. Во екот на енергетската криза цела година овој капацитет работеше со еден блок додека се набавуваше трансформаторот од Турција. Имавме испади на блоковите и состојба во зимска сезона на нив да се работи. Да потсетам практика е ремонт на блоковите да се прави во летен период кога потребите од струја можат да ги обезбедат хидроелектраните и од другите извори. Исто така, во лето се обезбедуваат резерви од јаглен за работа на термоелектраната во зима. Што се случи последните години е енигма, бидејќи таа практика одамна е минато – вели Мавровски.

Според него, во услови кога блоковите на термоелектраната се ремонтирани, несфатливо е да работи само еден блок во РЕК Битола.

– За ова може да има само две причини. Едната е да нема доволно јаглен за работа на термоелектраната и втората е намерно да се планираат ремонти во зима за да се покаже дека термоелектраната е во лоша состојба поради староста и дека треба побрзо да се исклучи. Ако е така тогаш и покрај набавките на јаглен кои се прават секој месец, значи дека РЕК Битола не ги произведува потребните количини од 3 милиони тони кои заедно со набавените треба да сочинуваат 6,6 милиони тони колку што се потребни за работа на трите блокови во РЕК. Мислам дека се има намера да се затвори овој енергетски капацитет иако немаме обезбедено соодветна замена. ХЕЦ Чебрен и гасните централи се далеку од реализација. Затоа е нејасно зошто овој раководен тим дозволува термоелектраната во екот на зима да работи со еден блок – вели тој.

Мавровски вели дека е крајно иронично што две фирми кои имаат ист сопственик – државата се препираат која од нив да го оспособи далекуводот за работа.

– Секако дека и двете ќе добијат пари од државата, па затоа е нејасно зошто државата им дозволува вака удобно да се однесуваат – вели Мавровски.
И професорот Ристо Цицонков говори за две причини кои можат да резултираат со вакви случувања во РЕК Битола.

– Овој енергетски капацитет е стар и неговата опрема може да откажува често, па е нормално да има чести испади од системот. Можно е да нема доволно јаглен. Но, се гледа дека такви проблеми нема оваа зима. Сепак, слушаме дека има проблем со мрежата, а тој не бил од сега, се случувал често, па сега излезе на виделина откако ЕСМ и МЕПСО почнаа да се препираат кој треба да го среди проблемот. Можам да претпоставам дека ако овој проблем се случувал често и не можат да го решат, тоа е затоа што немаат соодветен кадар, иако има огромен број вработувања во овие компании. Ова не ветува дека проблемот брзо ќе се реши, па РЕК Битола може да биде надвор од мрежата уште долго. Но, во сето тоа има уште еден проблем, а тоа е она што се слуша и може да се види многу често, а тоа се малверзации со тендери, партиски вработувања на нестручен кадар… Овој дел тешко се средува – вели Цицонков.

- Advertisement -
Ad image

Тој додава дека ЕСМ и МЕПСО овие денови имаат среќа што по исклучиво студеното време има сончеви денови, па производството на фотоволтаичните централи може да надополни добар дел од побарувачката на струја во текот на денот.

– Проблем со снабдување со струја се јавува ноќе, но тука е државата да го плати увозот и сѐ да биде нормално иако од далеку се гледаат проблемите во овој сектор – вели Цицонков.

Од РЕК Битола за некои медиуми во врска со случувањата изјавија:

- Advertisement -
Ad image

„Во функција е Блок 2, сè е подготвено за вклучување на Блок 1 веќе неколку денови и се чека МЕПСО да создаде услови за негово вклучување во мрежа. Блок 3 планирано е во застој и на него се одвиваат тековни активности за одржување на постројката. Очекуваме комбинатот до крајот на месецов да работи со полн капацитет.“

Како ќе се реши проблемот со далекуводот не се знае бидејќи двете компании велат дека не таа, туку другата треба да го среди проблемот.

Во меѓувреме, земјава редовно купува струја од странство. Од почетокот на грејната сезона, направени се 11 набавки за увоз на струја.

Share This Article