Двајца израелски заложници држени во Појасот Газа од 7 октомври и видени на неодамнешното видео објавено од Хамас починаа, соопшти јужниот израелски кибуц каде што живееле.
Кибуц Бери во одвоени изјави во соработка со седиштето на Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица ја објави смртта на Јоси Шараби и Итај Свирски. Телата на тие двајца заложници ги држи Хамас, се додава во соопштението кое денеска го пренесоа новинските агенции.
Како што е наведено, од кибуцот бил киднапиран и братот на Јоси, Ели Шараби кој сè уште е во заробеништво во Газа.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во понеделникот изјави дека Хамас практикува психолошка тортура со објавување видеа од заложници.
Во понеделникот, Хамас објави видео на кое Шараби и Свирски зборуваат, по што следеше снимка од, како што изгледа, нивните мртви тела.
Организацијата соопшти дека тие биле убиени во израелски воздушни напади, а портпаролот на израелската војска Даниел Хагари изразил страв за нивните животи.
Тој рече дека израелските сили удриле во зграда во близина на онаа каде што се држат заложниците, но дека тогаш не знаеле каде се наоѓаат.
Хамас и другите екстремисти киднапираа околу 250 луѓе во нападите врз јужен Израел на првиот ден од војната на 7 октомври.
Околу 100 заложници беа ослободени кон крајот на ноември за време на еднонеделното примирје во замена за палестинските затвореници во израелските затвори.
Хамас тврди дека заложниците кои сè уште се во заробеништво нема да бидат ослободени додека не дојде до траен прекин на огнот.