Специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за палестинските територии Франческа Албанезе, денеска посочи дека светот е сведок на „масовно гладување“ во Газа, каде што повеќе од половина од 2,3 милиони жители се соочуваат со несигурност во обезбедувањето храна поради блокадата и бомбардирањето на Израел кое трае од октомври минатата година, пренесува Анадолија.
„Никогаш не мислев дека ќе бидеме сведоци на масовно изгладнување од вакви размери во 21-от век. Сепак, еве го во Газа, по 100 дена бомбардирање, со недостиг на храна, гориво и вода“, напиша Албанезе на социјалната мрежа X.
Таа вели дека прво умраат децата, а потоа ги следат возрасните.
„Пред наши очи. Мојата молба до Израелците: Не можеме да го запреме ова без вас. Целосно ја признавам вашата постојана болка, вклучително и заложниците што се уште се во Газа. Ве молАм, не го занемарувајте уништувањето нанесено на Газа, особено на нејзините деца, половина од населението заробено во овој ужас. Ова никого не прави побезбеден“, оцени Албанезе.
Нејзините забелешки дојдоа еден ден по заедничката изјава споделена од Светската програма за храна, УНИЦЕФ и Светската здравствена организација.
„Децата со висок ризик да умрат од неухранетост и болести имаат очајна потреба од медицински третман, чиста вода и санитарни услуги, но условите на терен не ни дозволуваат безбедно да допреме до децата и семејствата кои имаат потреба“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел.
Извршната директорка на WFP, Синди Мекејн, предупреди дека луѓето во Газа се изложени на ризик од глад на само неколку километри од камионите полни со храна.
„Секој изгубен час става во опасност безброј животи“, потенцираше Мекејн.
Најмалку 24.285 Палестинци се убиени, а 61.154 се повредени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври, соопшти денеска Министерството за здравство во Газа.
Според Обединетите нации, 85 отсто од населението на Појасот Газа веќе е внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата е оштетена или уништена.