Конфедерацијата на слободни синдикати бара до средината на март усогласување на останатите плати со минималната плата, во спротивно не ја исклучуваат можноста за генерален штрајк на јавниот сектор.
Раководството на синдикатот денеска на прес-конференција побара почитување на законите и на колективните договори согласно кои треба да се изврши усогласување на платите со минималната плата. Доколку не се направи вакво усогласување, велат од синдикатот, ќе има ситуации во кои неколку позиции различни по коефициент на сложеност, ќе бидат изедначени.
Според синдикатот, во јавниот сектор не се почитуваат законите и колективните договори поради што вработени земаат основна плата под минималната, а не се зема ниту соодветна плата според коефициентот на сложеност.
– Оваа криза не настана пред неколку дена со покачување на минималната плата, туку години наназад со претходните покачувања на минималната плата, со непочитување на Законот за минимална плата и на колективните договори од страна на Владата. Потребата од почитување на законите и колективните договори мора да биде денес и сега затоа што ако работниците во јавниот сектор во април ја добијат мартовската плата без усогласување ќе настане голем хаос – рече претседателот на КСС, Благоја Ралповски на прес-конференцијата.
Тој додава дека во вторникот, веднаш по седницата на Економско-социјалниот совет, испратиле допис до премиерот Димитар Ковачевски и побарале средба за решавање на овој проблем, но дека досега немаат никаков одговор. Членството на синдикатот, како што истакна, секојдневно врши притисок и бара радикализација на идните чекори.
– Ние му даваме шанса на социјалниот дијалог, но има најразлични барања – директно да се оди на генерален штрајк. Членството се јавува секојдневно, од дента кога беше донесена минималната плата ни се јавуваат да не прашаат дали ќе ги почитуваат колективните договори – истакна Ралповски.
Прашањето, според синдикатот, треба да се реши до 15 март и да се направи ребаланс на буџетот затоа што се работи за поголема сума на пари што треба да бидат одвоени.
Од синдикатот го поздравуваат амандманот на Законот за минимална плата што го најави опозицијата и ги повикаа сите пратеници да дадат поддршка со цел вработените во јавниот сектор да го добијат она што законски им следува.