Додека Кремљ вели дека нема информации повеќе украински извори на Телеграм тврдат дека руските извидувачки авионите А-5о и Иљушин 22 М се соборени над Азовското Море.
„Ова е одмазда за Дњепар! Горете во пеколот, нелуѓе! P.S. Засега нема детали“, напиша на Телеграм командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешчук, пренесува „Украинска правда“.
Крај на шпекулациите стави врховниот командант на украинските вооружени сили, генерал Валериј Залужни, кој го потврди соборувањето на двата руски авиони.
„Врховниот командант генерал Залужни ја потврди информацијата за уништување на руските авиони А-50 и ИЛ-22. Благодарен сум на воздухопловните сили за совршено испланираната и извршена операција во областа на Азовското Море“, рече Залужни, чии зборови на социјалната мрежа Икс ги пренесе Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи.
Инаку, еден извидувачки авион А-50 чини околу 330 милиони долари. А-50 е платформа за рано предупредување и контрола (АВАКС) дизајнирана да следи цели во воздух, на земја и на море и да ги води борбените авиони кон нив.
Се шпекулира дека Русите имаат девет вакви авиони.
Од друга страна, на социјалните мрежи се појави друга верзија на настанот, која сугерира дека руските воени авиони биле соборени од самите Руси користејќи системи за противвоздушна одбрана. На каналот „Фајтер бомбардер“ на Телеграм беше објавено:
„Трагедијата е секогаш трагедија. Особено кога е од ваков размер. Кој и да е таму. Најверојатно нема да знаеме кој е виновен за смртта на пилотот. Вечен помин кон загинатите, брзо закрепнување и враќање на должноста на ранетите. За детали, прашајте ги оние во московскиот регион и администраторите на глупави канали, кои се сметаат за вистински патриоти и точно знаат што може да се напише, а што не“, се наведува во публикацијата.