Повеќе од 40 пожари горат денеска во Западна Австралија, најголемата држава на континетот, додека жителите на округот Читеринг, на околу 60 километри северно од Перт, се изложени на огромен ризик од ширење на пожарот.
„Вие сте во опасност и мора веднаш да дејствувате за да преживеете. Има опасност по животите и домовите“ – објави државното Министерство за вонредни ситуации на својата веб-страница, во врска со пожарот во Читеринг, рурална област каде живеат околу 6.000 луѓе.
Повикот за евакуација дојде во време на предупредување за топлотен бран што е во сила од саботата, но многу делови од австралиската држава го укинаа предупредувањето за избивање пожари, пренесуваат британските медиуми.
Во Перт се предвидува максимална температура од 41 Целзиусов степен, речиси 10 степени над просечниот јануарски максимум во градот, покажуваат податоците на Националната метеоролошка агенција.
Последните две сезони на шумски пожари во Австралија беа мирни во споредба со катастрофалното „црно лето“ од 2019-2020 година кога беше уништена област со големина на Турција и 33 лица го загубија животот.