Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро реагираше и ги осуди САД и Велика Британија за бомбардирањето на Хутите во Јемен.
Одговарајќи на прашања на новинарите по петочната молитва, првиот човек на Турција ја коментираше изјавата на Велика Британија по нападот, во која се вели дека била употребена пропорционална сила.
– Прво, нема пропорционално делување. Сè што се прави е непропорционална употреба на сила. САД во моментов го прават тоа на ист начин во Израел и Палестина. Велика Британија веќе презеде чекори во овој процес заедно со САД. И тоа продолжува да го прави. Тие се желни да го претворат Црвеното Море во крваво море. Јемен вели дека ќе ја искористи сета своја моќ за да се бори со Хутите, било да се тоа САД или Велика Британија, и ќе го обезбеди потребниот одговор – рече Ердоган.
Турскиот претседател додаде и дека Хутите успешно се бранат од нападот на западните сили.
– Во моментов добиваме различни вести од различни канали. Добиваме вести дека Хутите дале успешен одговор на САД и на Велика Британија и дека тие успешно се бранат – рече Ердоган.
Американските и британските сили извршија напади врз бунтовниците Хути во Јемен во четвртокот вечерта.
Според американски официјални лица, нападите биле извршени врз повеќе од 60 цели на 16 локации што ги користат бунтовниците Хути во Јемен. Нападите биле лансирани од воздух и од море, а биле користени борбени авиони, бродови и подморници. Нападот следуваше откако двете земји предупредија дека „може да има последици доколку бродовите постојано бидат гаѓани на Црвеното Море“.
Официјалниот претставник на Хутите, Хусеин Ал Изи, рече дека САД и Велика Британија „ќе платат висока цена“ откако двете земји започнаа напади врз позициите на бунтовничката група во Јемен. Портпаролот на јеменските Хути изјави дека нема оправдување за оваа акција на САД и на Велика Британија, пренесува Ројтерс.