Американската јавност е вознемирена од веста дека министерот за одбрана на земјата Лојд Остин ја сокрил својата медицинска дијагноза, поради што бил хоспитализиран, дури и од Белата куќа. Администрацијата на Бајден се најде под лавина критики.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин се лекува од рак на простата, а поради компликации на 1 јануари бил пренесен во болница, каде што останува и денеска, објави во вторникот воената болница „Волтер Рид“ во близина на Вашингтон.
Како дел од неговиот третман за рак, Остин беше подложен на минимално инвазивна хируршка процедура наречена простатектомија на 22 декември. „За време на процедурата беше под општа анестезија. Министерот Остин непречено закрепнал од операцијата и следното утро се вратил дома. Ракот на простата е откриен рано и неговата прогноза е одлична“, соопштија од болницата.
Остин потоа беше повторно примен во болница на 1 јануари поради компликации вклучувајќи гадење и силна болка во стомакот, колковите и нозете, кои беа резултат на инфекција на уринарниот тракт.
Пентагон се соочи со тешки критики откако на виделина излезе информацијата дека Остин првично не ја открил својата хоспитализација на американскиот претседател Џо Бајден, а камоли на американската јавност. Според Би-Би-Си, Бајден за дијагнозата на Остин дознал дури во вторникот, добра недела по неговата повторна хоспитализација.
Ниту заменичката на Остин, Кетлин Хикс, која мораше да преземе некои од неговите должности, не беше информирана за хоспитализацијата.
Запрашан зошто Остин не открил дека му бил дијагностициран рак на простата, портпаролот на Пентагон, генералот Пет Рајдер во вторникот рече дека тоа е длабоко лична работа.
Рајдер не одговори на прашањето кој ја донел одлуката да не го информира Бајден за ова прашање. Тој додаде дека министерот за одбрана во секое време активно ги извршувал своите работни задачи и редовно комуницирал со својот персонал, што и сега го прави.
Одложениот брифинг во Белата куќа предизвика загриженост за потенцијална национална безбедносна закана и проблем со транспарентноста во администрацијата на Бајден.
Министерот за одбрана е директно под претседателот во командната хиерархија на американската војска и е еден од најважните членови на кабинетот на претседателот.