Познатата ирска пејачка Шинејд О’Конор починала од природна смрт, официјално објави судскиот вештак денеска.
„Ова потврдува дека г-ѓа О’Конор починала од природна смрт“, изјави портпаролот на судот на Саутварк за „Дејли мејл онлајн“.
Познатата ирска пејачка почина на 26 јули 2023 година на 56-годишна возраст. Музичката ѕвезда беше пронајдена во својот стан во југоисточен Лондон.
Детективите ја констатирале ненадејната смрт, а случајот до денеска се сметаше за сомнителен, пишува „Дејли мејл“.
Шинејд поседуваше моќен вокал, а стана позната ширум светот во 1990 година со нејзината потресна обработка на „Nothing Compares 2 U“, проследена со бројни нумери како „Troy“, „No man’s woman“ и други.
Една година пред нејзината смрт, Шинејд го изгуби синот. На 17-годишна возраст, Шејн изврши самоубиство по бегството од болницата, поради што Шинејд беше целосно уништена.