„Кајзерот е мртов“.
Со овие зборови, еден од најголемите германски медиуми „Билд“ ја објави веста за смртта на германската фудбалска легенда Франц Бекенбауер.
„Официјално, неговата смрт е констатирана во понеделникот попладне, а починал ден порано, во неделата“, напиша „Билд“.
Семејството на фудбалската легенда соопшти: „Со длабока тага ве известуваме дека нашиот сопруг и татко Франц Бекенбауер почина мирно вчера, недела, опкружен со членови на семејството. Ве замолуваме да ја почитувате нашата желба да тагуваме во тишина, без да одговараме на прашања“.
Бекенбауер почина во својата 78 година од животот. Во последниот период, здравствената состојба на Бекенбауер сериозно се влоши, а тоа го имаше потврдено и неговиот син Валтер.
„Кајзер Франц“, како што го нарекуваа, беше успешен и како играч од средниот ред, а подоцна и на позицијата по која се прослави, „либеро“, односно како последен човек на одбраната.
Најславните денови од кариерата Бекенбауер ги мина во редовите на Баерн Минхен. За германскиот гигант од 1964 до 1977 година, тој одигра 427 натпревари.
Освен за Баварците, во кариерата Бекенбауер настапуваше за Њујорк Космос и Хамбургер, а беше и стандарден репрезентативец на тогашната Западна Германија.
Имаше и успешна тренерска кариера, беше германски селектор, а во две сезони го водеше и Баерн Минхен. Исто така, имаше и кратка етапа како спортски директор на Олимпик Марсеј.
Тој го освои Светското првенство со Германија во 1974 година како играч, а во 1990 година како селектор. Во германскиот фудбал ги освои сите трофеи со Баерн Минхен, како и три во Европскиот куп, сегашната Лига на шампиони.
Тој е еден од само деветте луѓе во историјата на човештвото кои ги освоија и Светското првенство во ФИФА, Лигата на шампионите на УЕФА и Златната топка.