Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва во Скопје ја победи Грција со 33-30, во првиот од двата контролни натпревари меѓу двете селекции кои се подготвуваат за настап на претстојното Европско првенство во Германија.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров со серија од 6-1 во финишот на првото полувреме заминаа на пауза со предност од три голови (18-15).
Продолжението на натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ донесе многу поквалитетна игра на македонските ракометари, кои во 44 минута имаа највисока предност од плус седум голови разлика (26-19).
Најефикасен во редовите на „црвено – жолтите“ беше Милан Лазаревски со осум голови, додека Никола Митревски на голот запиша осум интервенции.
Вториот дуел меѓу репрезентациите на Македонија и на Грција ќе се одигра утре, исто така, во Скопје, но за разлика од денешниот, ќе биде затворен за јавноста.
Македонската репрезентација в понеделник патува за Германија, а на 10-ти овој месец против Франција во Дизелдорф официјално ќе го отвори Европското првенство.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров на 12 јануари во Берлин ќе игра против домаќинот Германија, а два дена подоцна ќе го заокружи настапот во групата А со дуелот против Швајцарија.
фото: РФМ