Поранешниот американски претседател Доналд Трамп побара од судот во Мејн да ја поништи одлуката на државниот секретар да го отстрани од изборното ливче во државата поради неговата наводна улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година од неговите поддржувачи.
Адвокатите на Трамп во поднесокот наведоа дека државниот секретар на Мејн, Шана Белоус, била пристрасна при донесувањето на одлуката и додале дека постапката не била спроведена во согласност со законот.
Тие додаваат дека Белоус немал законско овластување да ја донесе одлуката за дисквалификување на Доналд Трамп од претседателските избори во Мејн.
„Државниот секретар направи неколку грешки и постапи каприциозно и произволно“, изјавија адвокатите на Трамп, кој е кандидат за претседател на САД на изборите што ќе се одржат во ноември годинава.
Минатата недела, Трамп беше отстранет од гласачкото ливче на претседателските избори во Мејн според клаузулата за 14-ти амандман од Уставот на САД за неговата наводна улога во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Тој амандман им забранува на оние кои „учествувале во бунтот“ да извршуваат јавни функции.
Одлуката уследи по декемвриската пресуда на Врховниот суд во Колорадо, кој го исклучи Трамп од изборите во таа сојузна држава.
Трамп и неговиот тим ги отфрлаат наводите дека поранешниот претседател учествувал во бунтот и бараат од Врховниот суд на САД да донесе одлука за ова прашање.