Јавниот повик за Универзален снабдувач на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи уште не е завршен, а веќе се шират дезинформации за компании кои изразија интерес за учество на тендерот.
Во насока да се дискредитира еден од најсериозните учесниците на јавниот повик ЕДС, се пласираат информации дека компанијата побарала измени во јавниот повик за Универзален снабдувач. Информацијата беше експресно демантирана од раководството на ЕДС, а од компанијата уште на почетокот на јавниот повик информираа дека ќе понудат далеку пониска маржа од сегашната, што пак ќе значи и пониска цена за електрична енергија за граѓаните.
„Не е точна информацијата дека сме барале било какви измени во условите на повикот. ЕДС планира да учествува на повикот, и планира да се натпреварува со исклучително конкурентна понуда, односно значително намалена маржа, што би резултирало со пониски сметки за крајните корисници. Поради правните ограничувања, не сме во можност да ја споделиме содржината на нашата жалба до комисијата, но можеме да споделиме дека во основа таа се однесува на можноста повикот да биде незаконски ограничувачки, односно да го наруши принципот на слободна пазарна конкуренција, особено во делот на активата на компаниите. Како што ѝ е познато на јавноста, целосен сопственик на ЕДС е ППЦ, фирма која има годишен приход од 12 милијарди евра, и актива со која повеќе од 10 пати се задоволени условите на повикот. Согласно членот 7 од Законот за енергетика, а во врска со членот 96 од Законот за јавните набавки, во вакви повици, дозволено е финансиската состојба на локалната компанија да биде поткрепена од мајката компанија, со што би се исполниле сите услови во повикот.
Оттаму, нашиот интерес единствено се однесува за правилна примена на материјалното право при спроведувањето на повикот. Сите правила на пазарната економија велат дека конкуренцијата во било која област конечно носи поволности за крајните потрошувачи, па така, исклучивоста или ограничувањето на конкуренцијата во овој повик, или погрешната примена на законските прописи, само би ја ограничило здравата конкуренција, спротивно на стандардите на ЕУ, а со тоа би спречила намалување на цената на електричната енергија за крајните корисници“, се наведува во дописот на ЕДС до јавноста.
Познавачите во енергетскиот сектор во постапката на јавниот повик препознаваат обид да се спречи грчката ЕДС да учествува на тендерот. Добро упатени извори коментираат дека причина за елиминација од јавниот повик не може да бидат долговите кои државните институции ги имаат кон ЕДС и дека апсурдно е компанијата која всушност ги кредитира државните институции со испорачана, а ненаплатена електрична енергија да биде ставена во неповолна положба.
Јавниот повик за универзален снабдувач за електрична енергија се објави на 11 декември, а ќе трае до 12 јануари. За повикот интерес пројавија неколку фирми, а условите се построги во однос на претходниот повик објавен пред пет години.