Во услови на експлозија на цени на надвижностите, АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор стартува со градење на зграда во општина Центар, со почетна цена од 1.450 евра по метар квадратен. Во интервју за Фактор, директорот на ова државно акционерско друштво, Зоран Ѓоргијев, вели дека според неговите очекувања, граѓаните ќе бидат заинтересирани за овие станови. Тој открива дека интенција на АДИССДП е повторно да се наметне како регулатор на цената на станбениот квадрат, сепак објаснувајќи дека генерално, стабилизирањето на цените зависи и од многу други параметри. Со Ѓоргијев разговаравме и за динамиката на изградба на социјалните згради, но и за можноста тие во иднина да се градат и за проблемите кои искрснаа со Арената Тодор Проески и нивното решавање, за катните гаражи…
Господине Ѓоргијев, нашата редакција има информации дека АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор после подолг период почнува со изградба на комерцијална зграда, и тоа во скопската општина Центар. Можете ли за Фактор да откриете колку ќе изнесува цената на квадратот и за колку станови станува збор? Исто така, дали Вашето друштво планира комерцијална изградба и во другите градови низ државава?
Ѓоргијев: Нашето друштво деновиве почна со изградба на комерцијална зграда во градската четврт Даре Џамбаз, кај „стара воена пекара“. Цената која што е утврдена со одлука на Владата е 1.450 евра по м2, но напоменуваме дека согласно нашите процедури, станува збор за почетна цена на која заинтересираните купувачи ќе можат да лицитираат. Договорот предвидува рок за изградба од три години, а она што е особено важно е дека меѓу најголемите приоритети за купувачите ќе биде високиот квалитет на градбата, кој е впрочем и препознатлив елемент кај сите наши згради. Почетокот на изградба на оваа комерцијална зграда за нас има особено значење, бидејќи се реализира по подолг период на неактивност на ова поле, и секако, означува придвижување на работите. Во следниот период, односно во јануари ќе биде објавен Јавен оглас за продажба на еден дел од становите, додека останатите, во зависност од финансиската динамика и темпото на градба, ќе бидат огласени во третиот, односно четвртиот квартал од годината. Оттука, во интерес на навремено информирање, заинтересираните купувачи треба да ги следат огласите во дневните печатени медиуми, како и на нашите социјални мрежи. Зградата во Центар е најава за поинтензивна „офанзива“ во оваа насока, бидејќи во тек се постапки за почеток на градба на две комерцијални згради во Охрид и една во Битола.
АДИССДП треба да биде регулатор на пазарната цена на станбениот квадрат, па затоа би Ве прашале колкав е „маневарскиот простор“ на ова државно акционерско друштво во овој период на дивеење на цените, и генерално кој е главниот предуслов за повеќе да можете да им излезете во пресрет на граѓаните, кои токму кај вас очекуваат да купат стан по поприфатлива цена?
Ѓоргијев: „Маневарскиот простор“ во кој можеме да функционираме на пазарот на недвижнини најмалку зависи од нас самите. Основниот предуслов се бројот на локации коишто ќе ни бидат доделени од страна на Владата, преку системот на Министерството за транспорт и врски. Оттука, за вистински да ја оствариме улогата на коректор на цената на станбениот квадрат нам ни е потребен поголем обем на комерцијална изградба. Нашата интенција е повторно да станеме регулатор на цената, но затоа ќе ни треба одреден временски период, особено ако се има предвид дека со една зграда не можеме да се наметнеме како посериозна конкуренција во услови на градежната „офанзива“’ од страна на приватните инвеститори. Од друга страна, треба да го имаме предвид фактот дека генерално, стабилизирањето на цените не зависи само од нас, туку и од многу други параметри, на кои ниту ние не можеме да влијаеме.
Повеќе на: Фактор.мк