Израел ќе дејствува за да го отстрани Хезболах од границата со Либан доколку продолжат нападите на милитантната група, предупреди израелскиот министер Бени Ганц. Тој рече дека израелската војска ќе интервенира доколку милитантите не престанат да пукаат врз северен Израел, пишува Би-Би-Си.
– Стоперката за дипломатско решение отчукува. Ако светот и либанската влада не дејствуваат со цел да го спречат пукањето врз жителите на северот на Израел и да го оддалечат Хезболах од границата, (израелските одбранбени сили) ИДФ ќе го сторат тоа – вели тој.
Во меѓувреме, шефот на израелските одбранбени сили рече дека војниците се во „многу висока готовност“ за повеќе борби на север.
– Нашата прва задача е да ја вратиме безбедноста и чувството на сигурност кај жителите на север, а за тоа ќе биде потребно време – изјави началникот на Генералштабот, генерал-полковник Херзи Халеви, по спроведената „ситуациона проценка“.
Прекуграничната размена на оган ескалира по нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври. Во средата, Хезболах изврши најголем број прекугранични напади во еден ден од 8 октомври, изјавија безбедносни извори за Ројтерс.
Тоа доведе до загриженост дека конфликтот во Газа би можел да се прошири во регионот.
– Ситуацијата на северната граница на Израел бара промена – изјави Бени Ганц на прес-конференција во средата вечерта.
Претходно овој месец, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, при посетата на војниците во близина на границата, рече дека Израел „само ќе ги претвори Бејрут и Јужен Либан, недалеку од тука, во Газа и Кан Јунис“, ако Хезболах започне сеопфатна војна.
Хезболах – шиитска муслиманска организација – е прогласена за терористичка организација од западните држави, Израел, арапските земји од Персискиот залив и од Арапската лига.
Финансиран од Иран, тој е еден од најтешко вооружените недржавни воени сили во светот.
Во 2006 година, целосна војна меѓу Хезболах и Израел беше предизвикана кога Хезболах изврши смртоносен прекуграничен напад, при што израелските трупи го нападнаа јужен Либан.
На границата, оваа недела има зголемување на ракетниот оган и употребата на вооружени беспилотни летала од страна на Хезболах, при што израелските воени авиони брзо реагираа.
Во четвртокот, израелските сили соопштија дека пресретнале беспилотно летало кое преминувало на нивна територија од Либан.