Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Поради тоа, честитки за овој празник упатија шефот на државата, претседателот на Собранието, премиерот на Македонија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и многу други.
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
– Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник ‒ Велигден. Од сѐ срце Ви посакувам празникот на Христовото Воскреснување да го дочекате во добро здравје, исполнети со мир, хармонија, радост и со среќа. Токму во овие празнични денови, инспирирани од Христовата победа над смртта, да ги обновиме и верата и надежта и вдахновени да правиме добри дела и да даруваме безусловна љубов – се наведува во честитката на претседателот Пендаровски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери од свое лично име и од името на пратениците го честиташе христијански празник – Велигден на сите што го слават по Грегоријанскиот календар.
– Во овие тешки времиња во кои се чини секојдневно се појавуваат нови и различни предизвици кои од поинакви аспекти ги ставаат на тест некогаш нашето физичко здравје, некогаш економската благосостојба, некогаш политичките игри и надигрувања, како врв на предизвикот се појавува тестирањето на нашата човечност, нашата солидарност и сочувство, нашата хуманост и ставање на вистинската страна на праведниот, на послабиот – се наведува во честитката на Џафери.
Премиерот Димитар Ковачевски во писмото со честитки по повод празникот Велигден, на д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх во Северна Македонија и на сите верници на католичката црква во нашата земја, во негово и во име на Владата на Република Северна Македонија им го честита големиот христијански празник – Велигден.
– Со пораката за воскреснувањето – „Христос воскресна! Навистина воскресна!“ – ја славиме и надежта за победа над сите човечки ситуации на страдање и неправда. Со празникот Велигден, ја славиме и победата над сите човечки ситуации на предизвици и искушенија низ кои поминуваме денес за да излеземе после сите искушенија посилни и подобри. Нека е за многу години празникот на Воскресението Христово – се наведува во честитката на Ковачевски.
Од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ, на сите верници од католичка вероисповед им го честитам големиот христијански празник – Воскресението Христово Велигден. Ви посакувам овој најголем христијански празник да го поминете во добро здравје, радост, мир, љубов и спокој. Воскресението не учи сите нас дека со верба и надеж во Бога, во заедништво, почит и толеранција едни кон други ќе успееме да обезбедиме подобра иднина за сите граѓани и да се издигнеме над сите предизвици со кои се соочуваме, се вели во честитката од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Воедно, во оваа прилика на овој најсветол празник сакам да ги повикам сите граѓани без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност да се обединиме околу заедничката иднина која треба заедно да ја оствариме, за да не дозволиме политиките кои не двојат, кои не прават посиромашни и ја втуркаат државата во безизлезна ситуација да продолжат. Да се обединиме околу напредокот и иднината за која мораме да се избориме заедно. Да си спомнеме за луѓето кои губат надеж, кои живеат во сиромаштија и сонуваат за подобар живот. Оваа заедничка битка е за обесправените, за луѓето кои бараат промени и иднина.Нам ни е потребно обединување и мораме сите заедно да работиме да ја промениме реалноста и да ги оствариме соништата. Само така ќе успееме да го вратиме изгубеното достоинство на секој човек – вели лидерот на најголемата опозициска партија.