„Не грижете се за мене. Добро сум. Сосема ми олесна што конечно успеав. Сè уште сум расположен, како што му доликува на Дедо Мраз“.
Вака објави на Икс опозицискиот лидер Алексеј Навални, противник на Владимир Путин, кој се огласи од затвор по 20 дена од неговото исчезнување. Вчера беше објавено дека Навални е во најсеверниот затвор Карп во Арктичкиот круг во Русија и дека неговиот адвокат успеал да стапи во контакт со него.
„Имам бунда, капа ‘ушанка’, наскоро ќе ми дадат топли чорапи ‘валенки’, за 20 дена пуштив брада. Сепак, тука нема ирваси, но има огромни меки многу убави овчарски кучиња“, вели Навални.
Политичарот рече дека бил префрлен со „претпазливост преку многу чудна рута (Владимир – Москва – Чељабинск – Екатеринбург – Киров – Воркута – Харп)“ што не очекувал некој да го најде овде до средината на јануари.
Поддржувачите на Навални беа загрижени за неговото здравје и живот откако на 5 декември стана непозната неговата локација.