Министерството за транспорт и врски во годината што изминува има историски најголеми капитални инвестиции, изјави ресорниот министер, Благој Бочварски, при денешната посета на Пробиштип.
– Она коешто можам да го истакнам е дека до денеска ние имаме веќе највисоко ниво на капитални инвестиции историски гледано од 1991 година од независноста на државата до денеска. Ако минатата година имавме 465 милиони евра капитални инвестиции, оваа година до денеска инвестициите во капитални проекти се некаде 540 милиони евра и јас очекувам и таа бројка да продолжи да расте се до последниот ден од оваа година – рече Бочварски.
Тој посочи дека проектите се реализираат и во локалните средини и на регионалните и на магистралните патишта и на сите проекти каде што се инвестира од страна на државата.
-Работиме и на изградба на железничката пруга во првите две делници каде што имаме одличен прогрес на работите, а пред неколку дена беше распишан и тендерот за третата делница, така што наредната година очекувам да биде уште посилна и реализацијата на сите проекти да продолжи непречено – рече Бочварски.