Се прават подготовки за изградба на со години најавуваните откупните центри во Струмица и во Ресен. Денеска е потпишан договор за консултантски услуги од речиси 500.000 евра со група од фирми која треба да го подготви проектот од изработка на физибилити студија, избор на локации, па се до техничка помош при избор на фирма кој ќе ги гради центрите. Групата фимри кои го сочинуваат консултантското партнерство се Глобалтек, Десаролос, Коленко, Њу Вижен и Биро за урбанизам од Битола.
Како што беше кажано на прес-конференција по потпишувањето на договорот, тој е поделен во три фази. Првата се фокусира на избор на соодветна локација, урбанистичко планирање, физибилити студија, стратешки и бизнис план, проценки на влијанието врз животната средина и социјални аспекти, втората фаза вклучува подготовка на главен проект и финализирање на планот за управување со животната средина и социјалните аспекти, додека третата предвидува консултантското партнерство да обезбеди техничка помош при спроведувањето на постапката за избор на градежни компании за изградба на двата откупни центар.
Новиот откупно-дистрибутивен центар во Ресен, е планирано да се простира на површина од околу 10.000 м2, и да процесира околу 5.000 до 8.000 тони овошје. Додека, откупно-дистрибутивен центар во Струмица ќе претставува клучен објект во регионот на интензивно производство на зеленчук за којшто е потребно складирање и ладење, сортирање, пакување или подготовка за преработка.
Според најавата, со двата откупно-дистрибутивни центар кои ќе бидат поврзани со логистичко-дистрибутивната платформа лоцирана во околината на Скопје, ќе се воспостави националниот систем за дистрибуција на храна со што ќе се обезбедат услови за подобрување на безбедноста и квалитетот на храната во согласност со меѓународните стандарди, услови за подобрување на конкурентноста на синџирот на вредност на јаболката преку квалитетно сортирање, класифицирање и пакување, како и услови за подобрување на агрегацијата и хоризонталната интеграција на малите сопственици за поголема моќ за преговарање на пазарот.